Фискалниот бројач ќе информира, но и ќе врши притисок за подобра реализација на капиталните инвестиции

9

Фискалната транспарентност е највисок степен на фискална контрола и без разлика на тековните состојби, мора во континуитет да се работи на нејзино унапредување, како дел од градење на подобар систем на јавни финансии и во насока на забрзан економски развој. Заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски во гостување на емисијата Утрински брифинг, посочи дека има многукратни придобивки од новата алатка за транспарентност на Министерството за финансии “Фискален бројач”, во насока на подобар перформанс за извршување на буџет, како и информирање на јавноста.

“Фискалниот бројач е новата алатка за транспарентност на Министерството за финансии со високофреквентни податоци, која на дневна основа ги прикажува приходите, расходите во буџетот и извршувањето на капиталните трошоци, додека на месечна основа го прикажува државниот долг. Целта на оваа алатка, објавена на веб-страната на Министерството, е понатамошно отворање на буџетот кон јавноста и постигнување повисоко ниво на фискална транспарентност. Фискалната транспарентност е највисок степен на контрола на јавните финансии, бидејќи се ставаат на располагање информации кои креираат јавно мислење, кое пак има висок степен на корективна моќ. Креирањето на подобар систем на јавни финансии се состои меѓу другото и од постојани активности во насока на подигање на фискалната транспарентност“, вели Ковачевски. 

Тој посочува дека алатката на дневна основа го покажува полнењето на државната каса, како и расходната страна на буџетот, односно кумулативот од почетокот на годината до конкретниот датум на објава, како и степенот на реализација во однос на планот. Исто така, се прикажуваат и на дневна основа реализацијата на капиталните расходи се прикажува на дневна основа.

“Вие знаете дека во петгодишниот план на Министерството за финансии, кој за првпат беше изработен во таква среднорочна рамка, воведовме и нов механизам на следење и управување со капиталните расходи, со цел тие да бидат реализирани на повисоко ниво и на овој начин се прави притисок на сите институции за нивна подобра реализација“, рече заменик министерот за финансии.

Тој посочи и дека на месечна основа преку новата алатка се објавува државниот долг, односно со повисока фреквенција од порано, кога истиот бил објавуван на квартална основа.