Фитосанитарна лабараторија единствена во ЈИЕ со ЕУ стандарди

58

20110425Geneticka_labaratorija_bitolaМакедонската Државна фитосанитарна лабораторија (ДФЛ) e прва во Југоисточна Европа која доби акредитација за дијагностицирање два карантински растителни вируси согласно европските стандарди.

Лабораторијата, како што беше истакнато на презентацијата, ги сертифицираше и методите за анализа на активните материи во производите за заштита на растенијата.

Овие методите претставуваат нова алатка на домашниот фитосанитарен систем за подобра заштита на населението и зголемена безбедност на храната, истовремено овозможувајќи и на ДФЛ да стане компаративна и конкурентна со фитосанитарните лаборатории во ЕУ.

Со акредитацијата ќе има поголема контрола на квалитетот на производите за заштита на растенија при увоз, во земјоделските аптеки и на самото место на апликација.

“Со користење квалитетни производи за заштита на растенија се овозможува поголем економски профит за земјоделците и зголемена безбедност на храната за крајните потрошувачи”, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Како што истакна тој, акредитираните методи за дијагностика на карантинските растителни вируси се значајни при вршењето контола на оранжериското производство на домати и други раноградинарски култури, тутун, како и здравствена контрола при увозот на семенскиот компир.

“Една од целите на Државната фитосанитарна лабораторија е да се движи во насока на зголемување на бројот на методи за дијагностицирање болести кај растенијата и семенскиот материјал, поддршка на органското производство со утврдување на пестицидни резидуи во храната, како и производство на здрав и сертифициран семенски и саден материјал. Значењето на добиените резулати од ДФЛ е огромно зашто директно влијае на квалитетот на домашното земјоделско производство, на зголемениот извоз на земјоделски производи на меѓународните пазари, како и на пласирањето безбедна храна од растително потекло на домашниот пазар”, истакна Димовски.

Билјана Коруновска, директорката на лабораторијата, го потенцираше економскиот ефект од сертифицирањето на методите. Со акредитацијата ќе нема одлевање на финансиски средства за вршење вакви испитувања во други држави.

“Ќе им помогнеме најмногу пред се на фармерите, но и на државата преку навремено дијагностицирање штетници и добивање за сертифициран саден и семенски материјал”, истакна Коруновска.

Таа додаде дека целокупниот бенефит е добивање здрава храна, одржување на здравјето на населението и на животните, како и на здравата животна средина.