#FITR CLASSROOM вебинар: Фокусирајте се на вашите клиенти бидејќи допрва ќе се отвораат многу можности

29
Light Bulb Ideas Creative Diagram Concept

Во рамки на новата иницијатива на ФИТР наречена #FITR CLASSROOM, еден од најеминентните бизнис ангели во Силиконската долина Марвин Лиао, ги советуваше македонските стартапџии за тактиките, процесите и системите за ефективен влезен маркетинг и продажба, на првиот вебинар којшто се одржа вчера.

Лиао, кој зад себе има дводецениско искуство во вложувања во ризичен капитал, технолошки бизниси и стартапи, посочи дека компаниите низ целиот свет минуваат низ тежок период предизвикан од пандемијата со Ковид-19, но дека новонастаната ситуација отвора нови можности.  

Фокусирајте се на вашите клиенти бидејќи допрва ќе се отвораат многу можности, регионално и глобално, затоа што буквално сè се менува оваа година. Сменето е однесувањето на клиентите, навиките на купувачите, однесувањето на големите компании-купувачи односно во начинот на кој работат компаниите има фунадментални промени на сите нивоа. Сето ова значи дека не очекуваат големи можности и затоа ве охрабрувам иако во моментов изгледа тешко, да се адаптирате и борите да го надминете периодов“, порача Марк Лиао.

На интерактивната онлајн средба, учесниците имаа можност да слушнат и за техники кои помагаат за бизнисите да се позиционираат и растат побрзо, особено стартапите.

Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) Коста Петров, на вебинарот најави имплементирање на долгорочна стратегија за инвестирање во претприемачите и македонскиот стартап сектор преку споделување на знаење и научени лекции од светски експерти. Ова е само првата од повеќето иницијативи на ФИТР во следниот период со кои Фондот ќе инвестира во знаењето на македонските претприемачи и стартап заедницата, како придонес за нивен раст и дополнителен развој.

Следниот вебинар е закажан за 09.12.2020 во 19 часот, на тема Брендирање на вработените, т.е. Employee branding со Серџан Шимшек Арнаутовиќ,кој е регрутер за Среден Исток, Турција, Африка, Централна и Источна Европа во Facebook. Вебинарите се бесплатни и достапни преку платформата Зум (ZOOM) и ќе се одржуваат два пати месечно со светски познати експерти од различни компании.

Фото: Freepik