ФИТР го олеснува финансирањето на иновативните компании со уште една банка

20

Олеснет пристап до финансирање за за сите микро, мали и средни претпријатија, овозможени се преку Меморандумот за соработка кој го потпишаа Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Стопанска Банка АД Скопје.

Можностите се однесуваат на корисници на кофинансирани грантови на ФИТР, кои имаат потреба за дополнителна финансиска поддршка, како и за компании кои аплицирале на некој од повиците на ФИТР а не биле одобрени за финансирање од Фондот.

“Пред неколку месеци суштинската соработка на ФИТР со банкарскиот сектор беше само идеја, а денес со шесте најголеми банки во државата им го олеснуваме развојниот пат на македонските стартапи и заеднички придонесуваме за развојот на домашната економија. Верувам дека преку партнерството на ФИТР со Стопанска банка АД – Скопје, ќе ја зголемиме бројката на новите старт – ап компании и ќе ги поттикнеме инвестициите, со крајна цел да започнат бизнис во нашата земја, а да бидат успешни на светските пазари. Предлог проектите кои ги добиваме на јавните повици покажуваат дека имаме голем мотив  да продолжиме интензивно да работиме на потребите на старт – ап заедницата и изнаоѓање решенија за полесно пласирање на нивните идеи“, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Пакетот на банката нуди основна и наменска трансакциска сметка за вршење плаќања во домашниот платен промет без надомест за отвaрање на сметка, дозволено пречекорување на денарска сметка со минимална провизија за одобрување, пристап на Е-banking и М-banking сервиси и повластени провизии за трансакции преку Е-banking сервисот до 70% пониски од оние на шалтер, но и VISA бизнис картичка без надомест за годишна членарина за првата година од користењето. Дополнително Банката може да понуди и кредитни линии, краткорочни и среднорочни кредити за финансирање на обртен капитал, долгорочни кредити за финансирање на инвестиции со промотивни услови како и посветен советник за бизнис клиентите.

“Потпишувањето на Меморандумот за соработка со ФИТР не радува затоа што силно веруваме во претприемачкиот дух, во иновативноста на нашите сограѓани и во потенцијалот за локален но и за глобален раст. Нашата улога како системски значајна банка е токму да бидеме двигатели на економијата. Оттука, покрај поддршката за големи развојни проекти, Стопанска банка АД – Скопје е исто така посветена на поддршка и охрабрување на малите и средните компании за целосно да ги остварат своите амбиции, се разбира преку здрави финансиски совети и соодветно прилагодени производи и услуги. Нашата речиси 80 годишна традиција, нашето богато искуство и експертиза се начин за остварување на силна синергија со плановите и проектите на иноваторите за испорачување на одлични крајни резултати. Затоа, ги повикуваме заинтересираните да им пристапат на нашите Референти за мал бизнис во филијалите и да побараат практичен совет и финансиско решение прилагодено на нивните потреби. На овој начин, Стопанска банка АД – Скопје останува постојано на ваша страна“, информираат од Банката.

ФИТР и Стопанска банка ќе организираат и едукативни и промотивни активности поврзани со можностите за финансирање на домашните компании, зголемување на финансиската писменост со цел олеснување на пристап кон финансиски средства, олеснет бизнис развој и комерцијализација на иновации.