Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) потпишаа меморандум за соработка со којшто преку заеднички активности ќе се работи на засилување на иновациските дејности и воведување иновативни процеси во јавниот сектор, поддршка за раст на малите и средни претпријатија, промоција на истражување и ефективни модели на управување, како и зголемување на соработката меѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор, стои во соопштението од ФИТР.
Меморандумот го потпишаа директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, и Нарине Сахакиан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации. Деспотовски нагласи дека потпишувањето на меморандумот е официјализирање и продлабочување на веќе успешната соработка меѓу двете институции во насока на унапредување на животниот стандард на граѓаните на нашата земја.
“УНДП е нашиот седми респектабилен меѓународен партнер со кој ја официјализираме соработката во овие две години. Заедно со нас во нашата мисија се и Светската банка, УНИЦЕФ, Швајцарската и амбасадата на Велика Британија, државата Израел и УСАИД. Проектите што веќе ги развиваме во соработка со УНДП сега очекувам и да се прошират и да добијат на дополнителен квалитет. Заедно ќе работиме на развој и примена на иновациите во животната средина, јавниот сектор како и во поттикнување и олеснување за младите за старт на сопствен бизнис“, истакна Јован Деспотовски, директор на ФИТР, додавајќи дека само оваа година преку програмата за самовработување, во чија реализација целосно е вклучен УНДП, се поддржани 22 млади луѓе во креирање на стартап бизниси. Тие се дел од таканаречената ИНгрупа на бизниси со потенцијал за брз раст. Деспотовски очекува оваа бројка следната година да биде значително поголема.
Постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакиан, посочи дека ваквите партнерства се значаен придонес за поттикнување и унапредување на иновациите во државата во сите сектори од јавен интерес.
Двете институции, со овој меморандум, се обврзуваат да го поддржат растот на микро, малите и средните компании преку спроведување на иновативни решенија и услуги, тесно да соработуваат со домашните претпријатија за да можат да ги остварат сопствените цели за одржлив развој заедно со развојните агенции и јавните институции, да го унапредуваат и промовираат долгорочниот развој преку технолошки подобрувања и поддршка на развојот на дигиталните вештини што, пак, треба да придонесат кон создавање нови работни места, како и вклучување на жените во техничките и природните науки и комерцијални проекти за да се пополнат родовите празнини на пазарот на трудот.
Дополнително, ФИТР и УНДП ќе работат на подигање на свеста за нови иновативни пристапи, технолошки подобрувања, трансфер на знаење во различни индустрии и промоција на истражувањата меѓу академскиот и приватниот сектор.