ФИТР: Од 706 пријавени дури 540 компании аплицираат за прв пат на јавните повици на Фондот

33

Од 706 пријавени на јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст, дури 540 се компании кои аплицираат за прв пат на некој од јавните повици на ФИТР, додека 207 се стартап компании, покажува првичната анализа на Фондот за иновации и технолошки развој.

“Горд сум што и во време на глобална пандемија добивме рекорден број доставени апликации во однос на било кој досегашен јавен повик кој го спроведува ФИТР. Тоа што 540 од нив аплицираат за прв пат, а компаниите се подготвени да инвестираат околу 27 милиони евра, покажува дека ја постигнуваме целта, во ФИТР да гледаат партнер од доверба при реализирање на иновативните решенија и можностите да се справат со предизвиците со кои се соочуваат”, изјави Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, на денешната презентација.

Тој додаде дека еден од главните фокуси на ФИТР е позиционирањето на Северна Македонија како регионален стартап хаб и затоа охрабрува што од вкупниот број на аплицирани, 207 се стартап компании.

Анализата покажува дека во однос на стартап апликантите, 171 од нив се со старост до три години, додека пак 105 работат до шест години.

Вкупиот обем на инвестиции од предлог-проектите изнесува 63 милиони евра, од кои речиси 27 милиони би биле влог на компаниите, додека од ФИТР побаруваат 36 милиони евра.

На јавниот повик кој е наменет за поддршка на домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари преку воведување на нови “зелени” и дигитални технологии за нивна трансформација, аплицирале 345 микро, 329 мали и 32 средни претпријатија и 76 приватни здравствени установи (ПЗУ).

Компаниите се од 18 индустрии, во најголем број од областа на маркетинг, здравство технолошка индустрија, градежништво и ИТ.  Доаѓаат од 29 градови, со најдоминантен број на апликации од Скопје, Струмица, Тетово,  Битола и Штип.

Во насока на развој на женското претприемништво предност при оценувањето ќе имаат компаниите со жени управители и доаѓаат од различни региони. Тоа е една од причините што има зголемен интерес кај жените претприемачи од сите региони во земјава, па анализите покажуваат дека 45%  компании-апликанти со жена сопственик или управител.

ФИТР обезбедува 70% од буџетот на проектот за микро или мало претпријатие или 60% за средни претпријатија. Односно 2,5 милиони денари за микро, до пет милиони денари за мали и до 10 милиони денари за средни претпријатија.

За компаниите кои аплицирале, следи процес на примарна селекција на предлог проектите, во која оценувањето ќе го вршат домашни стручни лица од 22 области на експертиза. Оценувањето се врши врз основа на следните критериуми: технолошки напредок и степен на дигитализација (35 поени), квалитет на проектот (10 поени), капацитет на проектниот тим (10 поени) и влијание на проектот со по 45 поени. Сите проекти со просечна оценка од над 51 поен одат во втора фаза на оценување.

Во втората фаза проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување инвестиции (КОИ), независно тело составено од петмина меѓународни експерти. На нивно барање опционално е предвиден и пичинг (јавна презентација) на предлог-проектите. За селектираната листа на предлог-проекти, тимот на ФИТР ќе врши административна проверка, односно дали апликациската документација е потполна. Потоа следува донесување на финална одлука од страна на КОИ, според дефинираните критериуми.