ФИТР во партнерство со УСАИД ги зајакнува претприемачките вештини кај младите

47

Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД) потпишаа меморандум за соработка, со којшто двете агенции се обврзуваат заеднички да работат на зголемување на можностите на младите лица во државата.

Целта на овој меморандум е засилување на позицијата на младите во Северна Македонија, преку креирање обуки и тренинзи за зголемување на нивната вработливост и поттикнување на нивните потенцијали за развој на вештини што им се потребни за да оформат сопствен бизнис или пак за да добијат работа. Преку оваа соработка треба да им се овозможи на младите да стекнат практично искуство за водење бизнис и развивање на нови вештини како што се тимска работа, лидерство, презентирање, планирање и финансиско работење, потребни за успешно водење на економијата и создавање на бизнис ориентирана младина, што е еден од столбовите за самоодржливост на земјата.

Меморандумот го потпишаа директорот на ФИТР, Јован Деспотовски и Ерик Јановски, претставник на УСАИД за Северна Македонија. Двајцата изразија подготвеност за заедничко делување и искрена соработка во ова поле.

“Во партнерство со Американската агенција за меѓународен развој, ФИТР покажува дека како држава активно работиме на зголемување на можностите и поттикнување на младите да создаваат успешни приказни дома наместо да ја гледаат својата иднина во странство. Со ваквите програми нудиме соодветна финансиска поддршка и менторство да ги реализираат своите иновативни бизнис идеи. ФИТР до сега има инвестирано во над 100 старт – ап компании преку неколку инструменти за поддршка, а наскоро ќе објавиме и нов повик за поддршка на старт – ап компании со зголемен буџет од 1,5 милиони евра. Дополнително, заедно со нашите американски партнери, работиме и на засилување на социјалното претприемништво во нашата земја, преку конкретни образовни програми чија цел е поттикнување токму на овој вид претприемништво и развивање меки вештини. Искрено верувам дека овој меморандум е официјализирање на една длабока и плодна соработка која ќе продолжи и во иднина“, истакна Деспотовски.

“Горди сме што стануваме партнери на Фондот за иновации и технолошки развој во поттикнувањето на претпириемачкото образование во средните училишта. Преку ваквото партнерство, заедничка цел ни е да ги инспирираме и подготвиме младите луѓе  да успеат во глобалната економија, преку развој и имплементација на програмите за претприемничко образование, финансиска писменост и работна подготвеност“, изјави Ерик Јановски.

Со овој меморандум за соработка, Фондот и УСАИД меѓу другото се обврзуваат да спроведат неколку иновациски кампови во учебната 2019-2020 година; да реализираат национален натпревар за најдобра студентска компанија, да организираат обуки за средношколски професори преку програмата Junior Achievement, и поддршка за добитниот тим од националниот натпревар за најдобра студентска компанија да учествува на меѓународниот натпревар за најдобра студентска компанија за оваа академска година.