Флексибилна работна недела: 5 дена од по 8 часа или 4 дена од по 10 часа работа

Жителите на Германија „тесно“ го поддржуваат преминувањето кон неделно ограничување на работното време, наместо задржување на моменталното осумчасовно дневно ограничување, според анкета спроведена за новинската агенција ДПА од страна на агенцијата за анкети YouGov.

Анкетата покажа дека 38 проценти од испитаниците ја поддржуваат мерката, 20 проценти се против неа, а 37 проценти се двоумат.

Предлогот, вклучен во коалицискиот договор на новата германска влада, би го заменил сегашното ограничување од осум часа дневно со неделно ограничување, со цел да се овозможи поголема флексибилност во работното време.

Според предложената промена, вработените би можеле да работат подолго и во помал број денови, на пример, четири работни дена од 10 часа наместо пет работни дена од осум часа.

Од испитаниците кои ги поддржуваат мерките, 82 проценти рекле дека моделот нуди поголема флексибилност, како што се подолги викенди. Околу 44 проценти, исто така, гледаат предности за работодавците кои повеќе нема да бидат обврзани со ограничувањето од осум часа на ден.

Аргументи ЗА и ПРОТИВ
Од друга страна, критичарите стравуваат од намалена продуктивност и замор на работниците. Така, две третини од противниците на мерката велат дека продуктивноста би се намалила по осум часа работа, а 61 процент се загрижени дека продолжените смени би ги оптовариле вработените.

На прашањето да изберат помеѓу работа четири дена од 10 часа неделно или пет дена од осум часа за иста плата, 37 проценти претпочитаат четиридневна работна недела, додека 28 проценти го поддржуваат постојниот традиционален модел.

Повеќе од половина од противниците тврделе дека не можат да останат продуктивни повеќе од осум часа, а околу 40 проценти изразиле загриженост за помалку време што им останува за семејството и хобијата.