Ни за 100 илјади евра младите не се враќаат да живеат во село

Младите кои веќе си заминале од селата ни за 100 илјади евра нема повторно да се врата назад. Според земјоделците оваа мерка која ја нуди Владата од 100.000 евра за преселба во село е добра, но не е доволна, бидејќи според нив, селата се запоставени и нема инфраструктура. Во македонските села нема основни услови за урбано живеење, нема болници, градинки, банки, пошти…Поради тоа, младите кои ќе дојдат да живеат на село и да се занимаваат со земјоделство треба да се откажат од многу цивилизациски продибивки.

-Младите си заминаа од селата во градовите и сега не 100 илјади, туку милион евра да им дадат нема повторно да се вратат назад. Кај ќе се вратат кога нема патишта, болници, градинки, банки, пошти…До нивите одиме по 2 километри пешки, бидејќи нема пристапни патишта. Селата одамна се мртви, државата не вложува пари за да ги заживее селата. Треба прво да се изгради инфраструктура, да се средат имотно-правните односи, бидејќи една нива има повеќе газди, а и куќите немаат еден сопственик, изјави за „Локално„ Митат Исмаили, земјоделец од „Пелагонија„.

Тој вели дека доколку се средат овие работи и ако на младите им се даваат селските куќи по симболична цена, тогаш може само 1 до 2 отсто од нив да се вратат назад.

-Порано нашите села беа едни од најразвиените на Балканот. Сега и во Србија, Бугарија, Грција, дури и во Албанија селата се многу поразвиени од нашите. Кога дојде време да увезуваме земјоделски производи, семиња и калеми од Албанија што останува за друго. Во Албанија во последните години многу се разви земјоделството, а селата заживеаја, додава Исмаили.

Целиот текст на Локално.мк