Flydubai воведува бизнис – класа летови

35

fly-dubaiПо внимателното следење и почитување на барањата на патниците од својата мрежа што опфаќа 60 дестинации, нискотарифниот авиопревозник од Дубаи Flydubai, денес објави дека ќе започне со работа на бизнис – класата и услугите поврзани со неа.

Flydubai која минатиот октомври за првпат ја поврза Македонија со Обединетите Арапски Емирати, неодамна го зголеми бројот на летови од Скопје до Дубаи од два на три неделно. Тие сега се одвиваат во понеделник, четврток и во недела.

“Со големо задоволство ја објавуваме еволуцијата на нашата патничка понуда како што продолжуваме да ги задоволуваме потребите за патување на нашите корисници. Воведувањето на бизнис-класата ќе обезбеди поголем избор за нашите патници кои ќе имаат пристап до побрзи сервиси за чекирање, удобни и широки седишта и ќе можат да уживаат во разновидното мени инспирирано од интернационалните кујни за време на летот”, рече Гаит Ал Гаит, извршниот директор на Flydubai.

Во бизнис-кабината на flydubai ќе има 12 седишта од мека италијанска кожа со потпора за грбот и со растојанието помеѓу седиштата од 106 сантиметри. Патниците пред себе ќе имаат екран на допир со висока резолуција и со ширина од 30 сантиметри, што ќе нуди над 900 часа филмови, музика и видеоигри.

Исто така, бизнис – класата ќе има и сопствен кабински екипаж, а патниците ќе можат да избираат од менито ладна лесна храна и додатоци на кратки летови, и три оброка на летови подолги од 90 минути.

Патниците ќе можат да ја искористат и предноста на приоритетното чекирање на Flydubai што ќе се наоѓа на само 120 чекори од паркингот за автомобили. Тие, исто така, ќе имаат прилика да ги користат и новите простории во неодамна надградениот и проширен втор терминал на Интернационалниот аеродром во Дубаи.

Aвиокомпанијата планира подоцна годинава да им овозможи на патниците да се релаксираат пред летот во салонот за бизнис-класата на Flydubai, а ќе им биде достапна и предност при преземањето на багажот по пристигнувањето на својата дестинација.

Посебен бизнис-тим ќе биде на повик 24 часа во текот на денот со цел да одговара на прашањата и да помага при резервирање билети, избор на мени и при телефонско чекирање.

Flydubai во август ќе го добие првото летало со кабина за бизнис-класа. Сите преостанати авиони што потоа ќе бидат испорачани ќе содржат и бизнис и економска класа. Билети за бизнис-класа ќе можат да се набават на одредени летови од август, додека инаугуративниот лет е закажан за октомври 2013 година.