Фолксваген бара купувач или партнер за торинскиот „Италдизајн“

„Фолксваген“ ја разгледува можноста за продажба на својот италијански оддел за дизајн и инженеринг „Италдизајн“, изјавија претставници на синдикатот за „Ројтерс“ во понеделник, додавајќи дека тоа е дел од пошироките напори за реорганизација на европските операции на големиот германски производител на автомобили.

„Фолксваген“ ја оценува можната продажба на „Италдизајн“ со седиште во Торино – но се разгледуваат и некои алтернативни опции, вклучително и наоѓање партнер кој ќе преземе дел од сопственоста, изјавија претставници на синдикатите „Фиом“ и „ФИМ ЦИСЛ“ по состанокот со менаџментот на „Италдизајн“ во понеделник.

Фолксваген, кој е стопроцентен сопственик на Италдизајн преку својата подружница Ауди, е под притисок поради сè поголемата конкуренција и забавувањето на продажбата на европскиот автомобилски пазар. Портпаролот на Ауди изјави дека „постојано го преиспитува своето стратешко позиционирање, што вклучува и сопствеништво во други компании.“

„Италдизајн“ вработува 1.350 луѓе, вклучувајќи околу 1.100 од нив во градот Торино на северот од Италија, а минатата година оствари промет од 332 милиони евра. Според извештаите, „Фолксваген“ веќе добил прелиминарни изрази на интерес од четири или пет други производители, изјавија претставници на синдикатот, додавајќи дека „Фолксваген“, барем засега, не сака да разгледува понуди од конкуренти од автомобилската индустрија, како и од финансиски групи.

Во декември, „Фолксваген“ објави големи промени во своите германски филијали, кои вклучуваат намалување на работните места и големо намалување на производствениот капацитет.