Фолксваген го зголеми профитот, проблемите во синџирите на снабдување остануваат

51

Германскиот производител на автомобили Фолксваген успеа да го зголеми оперативниот профит во 2022 година и покрај војната во Украина и енергетската криза. Исто така, ги зголеми приходите додека обемот на продажбата падна. Групацијата сè уште се справува со последиците од тесните грла при набавката на суровини и тековните проблеми во некои синџири на снабдување.
Како што соопшти во вторникот вечерта компанијата од Волфсбург, минатогодишната оперативна добивка пред специјални ефекти се зголемила за 12,5 отсто на 22,5 милијарди евра, според првите пресметки. Растот е значително помал од претходната година, но во согласност со очекувањата, наведува германската новинска агенција dpa.

Висината на нето добивката во концернот сè уште не е објавена, таа треба да биде објавена на 14 март. Што се однесува до приходите, тие изјавија дека се зголемени од 250,2 милијарди евра во 2021 година на 279 милијарди евра лани, односно за 11,5 отсто. Една од причините за тоа е најверојатно повисоките просечни цени на испорачаните возила, бидејќи е намален бројот на продадени возила.

Речиси хроничниот недостиг на микрочипови и друга електроника предизвика одложување на производството и долго чекање кај клиентите кај многу производители, вклучително и Фолксваген. Германскиот производител, втор по големина во светот по Тојота, минатата година испорача седум отсто помалку возила на клиентите од претходната година.

Групацијата Volkswagen продаде 8,26 милиони возила минатата година, по околу 8,88 милиони во 2021 година. Продажбата се зголеми само во азиско-пацифичкиот регион, а дури и таму е намалена за 3,6 отсто на најважниот кинески пазар.

Сепак, продажбата на електрични модели повторно се зголеми. Марките на групацијата Фолксваген продале нешто повеќе од 572.000 од нив минатата година, што е за 26 отсто повеќе отколку во 2021 година.

Фото: facebook