Автомобилскиот гигант Фолксваген сака да ја продаде фабрика во Калуга, југозападно од Москва, каде што производството запре поради санкциите воведени од Европа и САД. Бидејќи и сега, по неколкумесечна војна, нема можност за никакво нормализирање на односите, германскиот производител на автомобили настојува да ја продаде фабриката.
Во фабриката во Калуга биле вработени околу 4.200 работници, а е резултат на инвестиција од една милијарда евра.
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека продажбата на фабриката, која Фолксваген ја отвори во 2009 година, е сè поверојатна. Владимир Путин лично го украси отворањето со своето пристигнување, пофалувајќи го „патриотското производство“ на модели како VW Tiguan и Škoda Octavia. Неименуваниот менаџер на фабриката неодамна изјавил дека со секоја нова фаза на ескалација се намалува веројатноста во догледно време да почнат со производство.
Од Volkswagen изјавија за Automotive News Europe дека во моментов испитуваат неколку различни сценарија поврзани со фабриката во Русија. Конечната одлука не е донесена, но се чини дека продажбата на фабриката е наједноставното решение. Неименуван извор близок до раководството на Фолксваген изјави дека постои јасна волја за повлекување од земјата.











