
Групацијата „Фолксваген“ во среда објави дека продала вкупно 465.000 електрични возила во првата половина од 2025 година, што претставува зголемување од 47% во споредба со истиот период минатата година.
Германскиот автомобилски гигант, исто така, забележа мало зголемување на вкупните глобални испораки од 1,3%.
Групацијата „Фолксваген“, која ги вклучува брендовите како „Фолксваген“, „Ауди“ и „СЕАТ“, соопшти дека испорачала вкупно 4,4 милиони возила во првите шест месеци од оваа година.
Сепак, имаше значителни разлики во резултатите по региони.
„Добивките во Јужна Америка и Европа повеќе од компензираа со очекуваните падови во Кина и Северна Америка“, рече Марко Шуберт, член на проширениот управен одбор на „Фолксваген“ групацијата.
Во Европа, „Фолксваген“ забележа речиси 90% поголем број продадени електрични возила во споредба со истиот период во 2024 година.
Во Германија, „Фолксваген“ е апсолутен лидер кога станува збор за електрични возила – речиси секој втор новорегистриран електричен автомобил во земјата доаѓа од оваа компанија.
Намалување на продажбата во САД и Кина
„Фолксваген“ изјави дека во вториот квартал е забележан остар пад на продажбата во Северна Америка. На крајот на март, американскиот претседател Доналд Трамп објави воведување на царини од 25% за автомобили, со дополнителни царински оптоварувања во текот на април.
Во Кина, каде што конкуренцијата во секторот на електрични возила е исклучително силна, „Фолксваген“ губи пазарен удел во однос на домашните производители. Продажбата на електрични автомобили се намали за една третина.
Ни луксузниот сегмент не се справува подобро. „Ауди“, кој е исто така дел од групацијата „Фолксваген“, забележа пад на продажбата, додека конкурентите како „Порше“ и „Мерцедес“ исто така забележаа слични негативни трендови, наведувајќи го слабиот пазар во Кина како причина.











