Фолксваген размислува за преселба од Германија

201

Групацијата Volkswagen може да го префрли производството од Германија и Источна Европа доколку продолжи недостигот на природен гас, што е уште еден показател дека руската инвазија на Украина може да ја наруши целата европска индустрија.
Доколку недостигот на гас продолжи и по оваа зима, Фолксваген има опција да го премести производството, објави германската компанија.

Најголемиот германски производител на автомобили има фабрики во Германија, Чешка и Словачка, кои се меѓу европските земји кои најмногу зависат од рускиот гас.

„Како среднорочни алтернативи, ние сме фокусирани на поголема локализација, преместување на производствениот капацитет или технички алтернативи, слично на она што е веќе вообичаена практика во контекст на предизвикот од недостиг на полупроводници и други неодамнешни нарушувања на синџирот на снабдување“, рече Генг Ву, од Volkswagen Consulting, сосптвената консултантска куќа на концернот.

Југозападна Европа или крајбрежните области на северна Европа имаат подобар пристап до поморски транспорт на течен нафтен гас, така што производството би можело да се пренесе во една од земјите во тие региони, според портпаролот на Фолксваген. Во моментов, германската компанија работи со фабрики за автомобили во Португалија, Шпанија и Белгија, кои се земји кои имаат и големи складишта за гас.

Фолксваген тврди дека ќе успее да го одржи производството во Германија на стабилно ниво во следните 5 до 6 месеци, доколку оваа земја продолжи да ги обновува резервите на гас, но и дека зголемените цени на енергијата и нестабилноста во синџирите на снабдување претставуваат ризик за глобалното производство.