Фон дер Лејен: Европа мора да покаже солидарност во соочувањето со гасната криза

9

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, порача дека земјите од ЕУ мора да се солидаризираат едни со други.

Од земјите-членки кои не се зависни од рускиот гас се бара да излезат во пресрет и да им помогнат на оние со намалени резерви.

„Земјите од ЕУ кои имаат испораки на гас независни од Русија мора да покажат солидарност со земјите принудени да ја ограничат потрошувачката на гас оваа претстојна зима“, изјави претседателката на Европската комисија во интервју објавено во понеделникот, пренесе „Дојче веле“.

Фон дер Лејен истакна дека економиите на ЕУ се толку меѓусебно поврзани што гасната криза во една земја, како што е релативно просперитетната Германија, ќе влијае на економиите на другите земји.

– Затоа е важно сите земји-членки да штедат, складираат повеќе и да споделуваат со оние членови кои се повеќе погодени – додаде таа.

Запрашана како ЕУ се подготвува за претстојната гасна криза оваа зима, Фон дер Лејен рече дека во вторник е закажан специјален состанок на министрите за енергетика на ЕУ на кој ќе се разговара за претстојната криза оваа зима кога Русија најверојатно ќе го ограничи или потенцијално ќе го прекине снабдувањето.

Официјални претставници на ЕУ и европските лидери изразија сериозна загриженост поради можноста за ограничувања на гасот бидејќи западните санкции ја погодија руската економија и се зголемуваат загубите од војната во Украина.

Европската комисија би сакала земјите од ЕУ од целиот блок да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто од 1 август до 31 март, доколку споделувањето на товарот стане реалност.

Шпанија и Португалија се спротивставија, при што Португалија го нарече барањето „неодржливо“ и рече дека го троши само она што е „апсолутно неопходно“.

ЕУ, исто така, сака да овозможи дополнителни барања за намалување на потрошувачката на гас.

Иако ваквите предлози наидоа на голем отпор, фон дер Лејен изрази уверување дека може да се постигне договор во рамките на блокот.

Клаус Милер, шеф на германската Федерална мрежна агенција задолжена за снабдувањето со гас во земјата, рече дека сегашната стапка на полнење на складиштето со гас е задоволителна.