Фондацијата на Гејтс: 31 милион луѓе во екстремна сиромаштија поради Ковид

58

Тековната пандемија КОВИД-19 доведе до сиромаштија на уште 31 милион луѓе ширум светот, уништувајќи четиригодишен глобален напредок за искоренување на сиромаштијата, се вели во годишниот извештај на Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“.

Во извештајот, кој го разгледува глобалниот напредок во пристапот до вакцини, намалување на сиромаштијата и други здравствени проблеми, се вели дека пандемијата доведе до сериозно назадување во рутинските вакцинации за деца, продлабочување на образовните нееднаквости меѓу сиромашните и богатите земји, како и здравствените нееднаквости.

Извештајот ги повикува светските лидери да ги направат долгорочните инвестиции потребни за развој и производство на вакцини и да ја подобрат јавната здравствена инфраструктура, особено во земјите со ниски приходи, каде што многу луѓе не успеаја да избегнат некои од најлошите последици од пандемијата.

Пандемијата, исто така, доведе до „значаен“ пресврт во голем број здравствени иницијативи низ целиот свет, рече извршниот директор на фондацијата, Марк Сусман, цитиран од „CNBC“.

„Наместо десетици милиони луѓе да бидат извлечени од екстремна сиромаштија“, дополнителни 31 милиони паднаа во екстремна сиромаштија, рече тој. „Ние, исто така, доживуваме стагнација во напредок во однос на другите показатели, од одложувања во развојот и исхрана до некои образовни предизвици“.

КОВИД-19, првпат откриен во Вухан, Кина, кон крајот на 2019 година, речиси ја стопираше глобалната економска активност и остави рекорден број луѓе без работа, бидејќи владите воведоа анти-епидемиски мерки насочени кон забавување на ширењето на болеста.

Раководители на здравството и медицински експерти ширум светот се плашат дека економското влијание на пандемијата може да се продлабочи. Нивото на вакцинација останува ниско во многу делови на светот, додека се појавуваат нови варијанти на болеста, кои бараат повторно воведување анти-епидемиски мерки.

Околу 5,5 милијарди дози на вакцини против КОВИД-19 се доставени низ целиот свет. Сепак, околу 80% од нив се сместени во земји со високи или релативно високи просечни примања, според Светската здравствена организација (СЗО).

Пропорцијата на светското население што живее во екстремна сиромаштија (или помалку од 1,90 американски долари дневно) опадна од 37% на 9% во последните две децении. Како и да е, процесот на намалување на сиромаштијата почнува да пропаѓа и најверојатно ќе остане на сегашното ниво во наредните години, бидејќи вирусот продолжува да се шири, се вели во извештајот.

Најмногу ќе бидат погодени земјите со ниски приходи, каде што се дадени помалку од 1% од сите дози на вакцини против КОВИД-19, рече Сусман.

„Бидејќи населението во повеќето богати земји е во голема мера вакцинирано, повеќе од нив ќе забележат закрепнување на приходот по глава на жител до нивото пред кризата оваа година“, рече тој.

„Но, до следната година, две третини од земјите во развој се уште ќе бидат под нивото на приход по глава на жител во 2019 година, а на некои земји ќе им требаат уште многу години пред да се вратат на тие нивоа“.

Нееднаквостите во однос на вакцините ширум светот предизвикуваат „длабок морален гнев“, се вели во извештајот и го зголемуваат ризикот земјите и заедниците со високи примања да почнат да го гледаат КОВИД-19 како уште една „епидемија на сиромаштија“ или „не е наш проблем“.

Економските последици од пандемијата, исто така, ќе го забават напредокот кон родова еднаквост и во сиромашните и во богатите земји, бидејќи жените се несразмерно погодени од кризата, рече Сусман.

„Од загубените работни места за време на пандемијата ширум светот, 13 милиони повеќе работни места беа загубени за жени отколку за мажи“, рече тој. „Жените се одговорни и за грижата за децата и во сиромашните и во богатите земји.

Покрај економските последици, пандемијата најверојатно ќе резултира со повеќе деца да се разболат или да умрат од болести кои во голема мера се сметаа за искоренети, додаде Сусман.

Според извештајот, рутинските детски вакцини ширум светот минатата година паднале за 7%, на нивоа што не се забележани од 2005 година. Иако ситуацијата не е охрабрувачка, Сусман посочува дека падот е помал од претходно проектираниот пад од 14% од Институтот за јавни Здравствени.индикатори и евалуација (ИХМЕ).

Сусман го припишува овој мал пад на фактот дека неколку земји преземаа акција кратко откако СЗО и другите организации предупредија за опфатот на имунизацијата минатата година.

Во април 2020 година, СЗО предупреди дека деца ширум светот ќе умираат бидејќи пандемијата принуди некои земји привремено да ја прекинат имунизацијата против други смртоносни болести.