Фондот за осигурување на депозити исплатил 60 милиони евра за обештетување на депоненти на Еуростандард банка

36

Фондот за осигурување на депозити ја известува јавноста дека на 15 септември 2021 година измина една година од почетокот на исплатата на обесштетувањето на депонентите – физички лица со право на обесштетување од „Еуростандард банка” АД Скопје во стечај. Во текот на оваа година исплатени се точно 89,56% од вкупниот пресметан износ на обесштетување или вкупно 12.228 депоненти.

Вкупниот износ на пресметано обесштетување изнесува 4.179.607.269 денари (68 милиони евра). Вкупен износ на депоненти – физички лица со право на обесштетување изнесува 137.111 депоненти.

Вкупниот износ на исплатено обесштетување заклучно со 30 септември 2021 година изнесува 3.743.319.505 денари (60 милиони евра).

Во категоријата на депоненти со износ на депозити од 1.200.000 до 1.850.889 денари (до законски утврдениот праг на обесштетување) исплатени се 1.286 депоненти во вкупен износ од 2.185.153.233 денари (35 милиони евра) или 97,83% од депонентите кои припаѓаат на оваа категорија.

Најголем процент (99,76%) од неисплатените депоненти припаѓаат на категоријата – депоненти со депозити до 100 денари. Во оваа категорија припаѓаат 69.598 депоненти (или 50% од вкупниот износ на депоненти со право на обесштетување).

Исплатата на обесштетувањето на депонентите – физички лица со право на обесштетување од „Еуростандард банка” АД Скопје во стечај се одвива непречено преку четири банки исплатувачи: Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, НЛБ банка АД Скопје и Халкбанк АД Скопје. Исплатата преку банките исплатувачи се одвива на следниот начин:

Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите А, Б, В, Г и Д се исплаќаат во експозитурите на „Комерцијална банка” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија.

Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ се исплаќаат во експозитурите на „НЛБ Банка” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија.

Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од М, Н, Њ, О, П и Р се исплаќаат во експозитурите на „Стопанска банка” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија.

Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш  се исплаќаат во експозитурите на „Халкбанк” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија.

Исплатата преку банките исплатувачи ќе се извршува до 15 септември 2023 година. По овој рок, исплатата ќе продолжи да се реализира преку Фондот за осигурување на депозити.

Преку Фондот за осигурување на депозити се реализираат и исплати на обесштетување на починати депоненти согласно наследни решенија.