Фондовите во Абу Даби покажаа интерес за инвестиции во Македонија

75

Премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со генералниот директор Мохамед Хасан Ал Суваиди на „Развојниот холдинг на Абу Даби -ADQ” како и останати претставници на високото раководството, како дел од посетата на Обединетите Арапски Емирати.

Премиерот Ковачевски, заедно со министрите за финансии Фатмир Бесими, за транспорт и врски Благој Бочварски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ги претставија можностите за финансирање и инвестиции во повеќе сектори.

Целта е да се зацврстат економските врски меѓу двете земји и да се поттикне значителен интерес за инвестиции во целните сектори, вклучително и обновливите извори на енергија, инфраструктура, туризам,земјоделство, здравство. На состанокот стана збор и за воспоставување на директна линија Скопје – Абу Даби во насока на продлабочување на економската соработка.

Владината делегација ја истакна важноста од инвестиции и во услови на најголемата светска енергетска криза и воени превирања, се со цел да се даде стимул на економијата.

Двете страни констатираа дека постои голем потенцијал за развој на соработката меѓу двете земји и за реализација на инвестиции од Обединетите Арапски Емирати во земјава со особен фокус на земјоделството и преработката на храна.

Премиерот Ковачевски на состанокот истакна дека минатата година се потпиша договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за взаемна заштита на инвестиции, кој е многу значаен за поттикнување на нови инвестиции од ОАЕ. Владината делегација ги презентираше проектите од различни области кои го привлекоа вниманието на раководството на овој фонд.

На состанокот беше заклучено дека од голема важност е зацврстување на соработката и можноста за инвестирање во различни сектори кои имаат за цел да придонесат за зголемена економска соработка и трговија меѓу двете земји.