Forbes: Политика, а не наука стои зад суспензијата на AstraZeneca

128

Повеќе експерти оценија дека вакцината од компанијата AstraZeneca неправедно е на “мета“ на ЕУ, како и дека сè што случува е од политички, а не од научни причини, пренесува американски Forbes.

Наводно, суспензијата од страна на неколку земји од ЕУ, но и Тајланд настанала по неколку случаи во кои што вакцината AstraZeneca која што допрва треба да биде одобрена во САД го зголемила ризикот од згрутчување на крвта.

Досега пријавени се околу 17 такви случаи, од 17 милиони колку што досега ја примиле дозата од таа вакцина, пренесува Forbes и додава дека Европската агенција за лекови не ги поврзала смртните случаи со вакцината, туку со годините на пациентите затоа што кај постарата популација проблемите со згрутчување на крвта не се реткост.

Експертот за инфективни болести од Универзитетот во Сан Диего, Девej Смит, вели дека одлуката на неколку земји од ЕУ е збунувачка бидејќи тој не видел конкретни податоци.

“Луѓето би добиле тромб со или без вакцината“, смета тој.

Епидемиологот од институтот Џон Хопкинс, Џенифер Нузо исто така е изненадена од суспензијата, бидејќи тоа значи суспензија во заштитата на луѓето од смртоносната болест.

Forbes исто така наведува дека податоците покажале дека вакцината е ефикасна во 82 % од случаите во спречување на инфекција со коронавирус по две дози, и во 100 % од случаите во спречување хоспитализација и смрт.

Овие добри резултати доведоа до итно одобрување на вакцината во декември во Велика Британија, како и во ЕУ и од Светската здравствена организација на почетокот на 2021 година.

Досега 17 милиони граѓани во Европа се вакцинирани со вакцината на AstraZeneca.

Европската агенција за лекови (ЕМА) утре ќе ги објави своите заклучоци и можните препораки во врска со употребата и можните несакани ефекти на вакцината AstraZeneca.

Фото: Facebook