Форбс добива балканско издание

55

United Media, водечката медиумска компанија во Југоисточна Европа, потпиша договор со Форбс, кој планира да лансира лиценцирани дигитални изданија на Форбс во Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина и да организира препознатливи конференции и настани на Форбс.

„Покрај еден од највлијателните бизнис-медиумски брендови, новите портали на Форбс ќе бидат врвни платформи за започнување разговори и теми за некои од највлијателните лидери, менаџери, инвеститори и претприемачи од регионот на Јадранот, оние кои ги поттикнуваат промените, трансформираат бизнис и имаат значително влијание врз светот“, се посочува во соопштението на компанијата Јунајтед Медиа.

„Возбудени сме што ќе ги лансираме изданијата на Форбс во регионот на Јадранот заедно со Јунајтед Медиа“, рече Питер Хунг од Форбс.

„Посветени сме на промовирање на претприемништвото ширум светот, а со новите изданија во Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, значително ќе го зголемиме нашето присуство во Европа“, додаде тој.

Александра Суботиќ, извршен директор на Јунајтед Медиа рече дека е голема чест и привилегија за Јунајтед Медиа да соработува со толку голема и реномирана компанија како што е Форбс.

„Овој ексклузивен договор е во согласност со нашиот стратешки план за проширување на бизнисот и развој на нови платформи за нашите корисници. Лансирањето на дигиталните изданија на Форбс во регионот е значаен чекор напред во нашата цел да им обезбедиме на читателите најнови вести и информации за бизнис, финансии и други важни теми. Со оваа соработка ќе можеме да им понудиме пристап до содржините и анализите на Форбс и убедени сме дека тоа ќе донесе суштинска промена во дигиталната средина на територијата на Југоисточна Европа“, рече Суботиќ.

Договорот предвидува дека до крајот на годината ќе бидат пуштени во употреба пет нови сајтови на Форбс Адриа.

„Тие ќе имаат целосен пристап до сите содржини на Форбс, но ќе носат и локални приказни. Изданијата на Форбс во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија ќе ги водат искусни уредници и новинари кои ќе се погрижат локалната содржина да биде единствена и прилагодена на потребите на публиката. Додека економијата во Јадранскиот регион продолжува да расте и се развива, сајтовите на Форбс ќе бидат таму за да ги обезбедат најновите вести, анализи и увид во светот на бизнисот“, се вели во соопштението.