Форбс предвидува енергетска катастрофа во Европа

114

Политиката за преминување кон еколошки извори на енергија може да ја доведе Европа до енергетска катастрофа уште оваа зима, пишува Форбс.

Според авторот на статијата, Дејвид Блекмон, рекордниот пораст на светските цени на гасот најверојатно ќе предизвика многу електрани на гас да се префрлат на нафта или јаглен, што би ги зголемило цените на овие ресурси.

Во Европа, сепак, оваа опција е проблематична поради транзицијата кон зелена енергија. Многу европски земји веќе ги затворија речиси сите нивни централи за јаглен и гас. Во текот на минатото лето, ова доведе до криза на некои места поради релативно слабите ветрови (кои се користат при обновливите извори на енергија) и се наметна повторно да се користат традиционалните извори на енергија.

Аналитичарот на Форбс забележува дека ненадејниот пораст на побарувачката предизвика скок на цените на природниот гас. Притоа, Русија го ограничи извозот на природен гас, што изврши дополнителен притисок да ја зголеми својата цена.
Европејците, од своја страна, се свртеа кон јаглен, но се покажа дека и тука нема многу простор за маневри. Како што забележува аналитичарката на Wood Mackenzie, Наташа Тјурина, само Русија има доволно резерви на јаглен за извоз во Европа.

Според неа, при варијанта во која сите европски комунални претпријатија преминуваат на јаглен во зима, ќе доведе до огромна побарувачка што Русија не може да ја компензира за толку кратко време. Во овој случај, на Европа ќе и требаат дополнителни резерви, на пример од САД, но ситуацијата таму може да биде слична.

Според авторот од Форбс, има проблеми со енергијата надвор од Европа поради следење на истата политика за откажување од јаглен и гас и префрлување на обновливи извори на енергија. Иако Европа сега е во центарот на вниманието, енергетската криза постепено ќе стане глобална, пишува Блекмон.

Тој нагласува дека во сегашната ситуација нема опција за брзо решавање на проблемите поради „бесмислени политички одлуки“. Аналитичарот смета дека ќе бидат потребни околу 10 години за да се надминат тешкотиите во енергетскиот сектор, т.е. колку што беше потребно за да се префрли на еколошки извори на енергија.

Во последните неколку недели четири британски компании објавија банкрот поради високите цени на природниот гас, пренесе The Independent.

Тешкотии доживуваат сите компании што користат природен гас, како што се фабриките за цемент и производителите на алуминиум. По долги години ниски цени, цената на природниот гас во САД се удвои во последната година. Во Европа и Азија, цените на големо скокнаа за пет пати во споредба со минатата година.

Аналитичарите предвидуваат дека цената на природниот гас ќе расте во текот на целата зима со зголемување на потрошувачката на синото гориво.