
Синдикатот на автомобилските работници на САД (UAW) постигна прелиминарен договор со Ford Motor Company за зголемување на платите, што треба да резултира со прекин на шестнеделниот штрајк.
Предложениот договор, кој мора да биде одобрен од раководството на UAW, предвидува зголемување на платите за 25 отсто во текот на четиригодишниот договор, како и зголемување од повеќе од 150 отсто за најниско платените привремени работници за времетраењето на договорот, пренесе Ројтерс.
Предложениот договор може да помогне да се создаде образец за ставање крај на паралелните штрајкови во Џенерал Моторс и Стелантис, соопшти синдикатот. UAW се закани дека ќе ја затвори клучната фабрика на Форд во Дирборн пред да постигне договор, исто како што го блокираше производството во фабриките на GM и Stellantis оваа недела.
Производителите на автомобили од Детроит рекоа дека барањата на UAW значително ќе ги зголемат трошоците и ќе ги попречат нивните амбиции за развој на електрични возила, ставајќи ги во неповолна положба во споредба со Tesla и странските компании како Тојота, чии работници не се синдикални.
Неочекуваниот договор меѓу Ford и работниците го зголемува притисокот врз GM и Stellantis, а UAW им порача на работниците на Ford кои штрајкуваат да се вратат на своите работни места за време на процесот на ратификација на договорот. Тоа би требало да значи дека производството на неколку модели на Форд би можело да продолжи оваа недела.











