Целта на првата кооператива за трговија со млеко Милкооп е подобро искористување на потенцијалите во примарното млекопроизводство преку здружување на фармерите.
Кооперативата која што веќе почна со работа, е формирана од фармери за нивно подобро организирање, развој и поголема сигурност во работата.
Од Милкооп потенцираат дека идејата е пред се заштита на интересите на членовите и кооперантите. Секоја инвестиција ќе придонесе за повисок квалитет на млекото, подобри откупни цени и повисоко позиционирање во синџирот на набавки.
Милкооп за своите кооперанти ќе понуди добра откупна цена. Исто така на фармерите ќе им биде понудена квалитетна добиточна храна на одложено плаќање по прифатлива цена, обуки за хигиена на фарма и исхрана на кравите, правни совети, ветеринарни совети, проверка на квалитетот на млекото, но и помош околу обезбедувањето субвенции.
Млекото ќе се продава на оние млекопреработувачи кои ќе обезбедат најдобри услови за откуп врз основа реални економски параметри.
Кооперативата ќе функционира согласно националната стратегија за развој на производството на квалитетно млеко. Милкооп ќе работи според законските определби и ќе соработува со сите надлежни институции во државата. Поддржана е од Федерацијата на фармери, а веќе има остварено средби и со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.