Fortnite собра 144 милиони долари за помош на Украина

51

Новата сезона на популарната видео игра Fortnite излезе на 20 март, а бидејќи ваквите настани во играта секогаш носат огромен профит на Epic Games, тие решија да ги донираат своите двонеделни приходи за хуманитарни напори поврзани со Украина.

Имено, Fortnite собра 36 милиони долари на првиот ден од акцијата на Epic, а за две недели таа сума се искачи на 144 милиони долари, објавија на официјалниот Twitter профил.

Epic ќе ги насочи собраните средства на неколку хуманитарни организации и агенции, вклучувајќи ги Direct Relief, UNHCR, UNICEF и Светската програма за храна (WFP).

Според The Verge, Epic не е единственото студио за развој што собрало средства за помош на Украина. Riot Games собра 5,4 милиони долари минатиот месец, Itch.io собра повеќе од 6 милиони долари, а Humble Bundle собра 20 милиони долари.