Форум на добри компании: Креирајте вредности, не само профит

26

forum

Претставници на компании, граѓански организации, носители и спроведувачи на политики, седнаа на маса со цел да се договорат како да направат подобар социјален импакт во општеството, во рамки на првиот Форум на добри компании, на тема Трансформација на општеството преку бизнисите.

Еден од главните говорници на Форумот беше Мартен Дресен, холандски претприемач, основачот на Good Hospitality Group, кој го сподели искуството на создавањето на Добар хотел, пловечка конструкција која привлекува илјадници туристи, особено оние кои ја разбираат својата улога во создавањето можности за луѓето од маргините.

marten-dresen1

“Во социјалниот бизнис како Добар хотел, акцентот е ставен на луѓето и креирањето вредности, а не само на профитот. Фокусирајте се на луѓето, обидете се да ги мотивирате, да ги задржите и тоа ќе даде резултати на крајот. Најдобар случај е кога се постигнува баланс, остварување добивка и вреднување на човечкиот фактор“, рече Дресен.

Извршната директорка на Паблик, Климентина Илијевски, нагласи дека во светот се случува рапидно зголемување на инвестирањето во социјален импакт, зошто очекувањата од бизнисот, за придонес кон општеството никогаш не биле поголеми.
“Купувачите се менуваат и тие очекуваат промена на вредностите на компаниите и усогласување на нивните мисии со брзорастечките нови потреби на општеството, на планетата, на човекот. Во суштина, културата на општествена одговорност е основната клетка со која започнува раѓањето на организмот моќен да направи позитивни промени во општеството“, рече Илијевски.

klimentina-ilijevskiЗа амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп, Форумот е настан каде треба да се изродат нови идеи за решавање на социјалните нееднаквости и предизвици.
“Холандија е долгогодишен пријател на Македонија, и во изминатите 20 години сме поддржале и работиме со многу граѓански организации и компании. Длабоко веруваме во концептот дека 1 плус 1 може да биде 3, и оттаму мотивацијата да ги доведеме овие два сектора на едно место денес. Затоа што, предизвиците на национално и на глобално ниво не можат да бидат адресирани од само еден сектор и затоа што веруваме дека синергијата може да биде двигател на позитивни промени и напредок на општеството“, рече Пломп.

holandski-ambasador

Меѓу говорниците беше и Ренате Лакнер Гас, прв човек на одделот на корпоративна општествена одговорност на ЕВН од Виена.
“Кога делуваме одговорно, мораме да размислуваме на кој начин можеме да вложиме во општеството. Основниот бизнис секогаш треба да потенцира која е општествената улога на производот, но и вредностите на компанијата“, рече Гас.

marina-ancevskaМарина Анчевска од Центарот за бизнис психологија нагласи дека сите ние дејствуваме системски, поврзано.
“Време е да ги отстраниме стереотипните однесувања и дејствувања дека немаме влијание и ништо не зависи од нас. Време е да размислуваме колективно. Општествениот систем е изграден од индивидуалци кои што веруваат дека нивниот придонес е значаен во градењето на еден свет, во кој што сите припаѓаме. Единствено што ни укажува на тоа дека дејствуваме колективно е нашето индивидуално чувството на припадност“, рече Анчевска.

Форумот беше во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој Паблик и Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.