Форум за дијалог со заедницата на Цементарница УСЈЕ

38

usje

Цементарница УСЈЕ АД Скопје го претстави Извештајот за корпоративна општествена одговорност за 2015-та година. И годинава компанијата го искористи објавувањето на Извештајот како повод да ги покани сите засегнати страни да дадат свој придонес со предлози за дополнително унапредување на општествено – одговорнте активности на Цементарница УСЈЕ во наредниот период.

Покрај претставувањето на Извештајот и конструктивната дискусија, компанијата организираше и обиколка на Цементарница УСЈЕ за сите учесници на Форумот, при што ги запозна производствениот процес и новините имплементирани во текот на изминатиот период.

Документот ги содржи сите активности на Цементарница УСЈЕ спроведени според десетте принципи на Глобалниот договор на Обединетите нации (ОН) во областите на работничките и човековите права, унапредувањето на животната средина, антикорупциското делување и корпративното управување и лидерство. Компанијата е потписник на овој договор од 2008-та година и е промотор на вредностите на ОН во сферата на корпоративната општествена одговорност во Македонија. Ова е седми годишен Извештај за корпоративните општествено-одговорни активности на Цементарница УСЈЕ.

„Нашите активности во сферата на корпоративната општествена одговорност не би го имале својот вистински смисол доколку во нив активно не учествуваат нашите партнери, општествените и невладините организации и граѓаните. Токму затоа ни е особено важно да добиеме повратна информација и квалитетни предлози како таа соработка да ја унапредуваме, бидејќи само така нашите идни активности ќе ја достигнат целта – одржлив развој на заедницата и на компанијата, како нејзин одговорен член“, рече главниот извршен директор, Борис Хрисафов, кој управува и со Одборот за корпоративна општествена одговорност на Цементарница УСЈЕ.

Во извештајот, меѓудругото, се констатира дека 2015-та година помина без ниту една фатална или сериозна несреќа и дека секој од вработените посетувал 9,6 часа обука од областа безбедност и здравје при работа или вкупно 2.880 часа за вработените и дополнителни 370 часа обуки за изведувачите. Во минатата година успешно е завршена и контролата на спроведувањето на OHSAS 18001:2007 системот.

Покрај другите активности во сферата на заштитата на животната средина, Цементарница УСЈЕ во 2015-та година, во соработка со Факултетот за природни и технички науки од Штип, подготви Студија за дополнително намалување на бучавата во близина на компанијата, која и дотогаш беше под пропишаните дозволени граници согласно со националното законодавство. Во текот на минатата година поставени се придушувачи на вентилаторите, заменети се малите аксијални дувалки со нови, поставени се 10 придушувачи во погонот за суровинско брашно.

И во 2015-та година Цементарница УСЈЕ се приклучи кон глобалната акција „Час на планетата земја“ и кон националната акција „Ден на дрвото“. Со цел подигнување на свеста за важноста на квалитетот на градежните материјали, УСЈЕ организираше Панел со засегнатите страни – стручна конференција под наслов „Влијанијата на градежните материјали врз квалитетот на градбата“. Како членка на локалната мрежа на Глобалниот договор на ОН, компанијата продолжи со активности за развој на локално партнерство, како што се „Развиваме вештини за полесно вработување“, „Партнерство со училиштата“, поддршка на децата со посебни потреби, колаборативни и многу други активности во кои во 2015-та година се обезбедени 175.000 евра.

Цементарница УСЈЕ минатата година учествуваше на панел-дискусијата за заклучоците од Самитот на ОН за климатските промени во Париз, а во девет основни училишта спроведена е програма во форма на предавања за подигнување на свеста кај младите луѓе во врска со климатските промени.

Со средства на компанијата имплементирани се подобрувања на енергетската ефикасност во две училишта. Во текот на годината повеќе од 130 ученици добија практична обука во фабриката, над 120 други ученици ја посетија компанијата, 46 студенти – деца на вработени на УСЈЕ добија стипендии, а 3 студенти добија стипендии за постдипломски студии.

Вработени од компанијата учествуваа во иницијативата „Ајде Македонија“ и во националната кампања „Македонија без отпад“, а вработените, заедно со компанијата, доброволно донираа и помош за населението погодено од поплавите во Скопје.

Од март 2015 година, вработените на УСЈЕ започнаа акција „На работа без автомобил“, секоја среда доаѓајќи на работа со алтернативен превоз или пеш. Вработени кои сепак тие денови мораат да го употреба својот автомобил, доброволно донираат средства, од кои во 2015-та година беше набавен спирометар за Детската болница за респираторни болести – Козле.

Во 2015 година Цементарница УСЈЕ АД Скопје ја доби Национална награда за најдобри општествено одговорни практики во категоријата Животна средина за проектот “Намалување на емисиите на NOx”.

Целиот извештај е достапен на интернет страницата на Цементарница УСЈЕ (www.usje.com.mk).