Во данската престолнина Копенхаген, ресторанот Noma повторно ја доби титулата најдобар ресторан на светот, според британскитот Restaurant Magazine. Првото место Noma го зазема во рангирањето на најдобрите 50 локали во кои се служи храна во изборот Pellegrino Worlds 50 Best Restaurants.
Во изборот учествуваат 900 меѓународни експерти, од готвачи до гастрономски критичари. Секој гласа за седум ресторани, меѓу кои најмалку три треба да се странски, а требало да јадат во нив во последните 18 месеци.
Главниот готвач во Noma е Рене Реџепи, по потекло од Македонија, кој три години по ред, од 2010 до 2012 година, беше на самиот врв, така што со оваа има вкупно четири престижни титули.
Ресторанот е отворен во 2004 година и е познат по детално аранжираната храна и употребата на свежи продукти, а главниот готвач Рене Реџепи го опишуваат како „носител на Новото нордиско движење”. Храната што се служи во ресторанот Noma е невообичаена. Гостите добиваат околу 20 мали чинии, во кои храната малку наликува на нешто што претходно сме јаделе. Вкусното мени чини 260 американски долари, а за вино дополнително ќе платите 185 долари. За ваквото задоволство треба да резервирате маса неколку месеци однапред.
Хозе Моран Моја го имал задоволството да јаде во ресторанот Noma во 2012 година. Тој ги објавил фотографиите од оброците на својот блог Spanish Hipster, а ги пренесе Business insider. Погледнете како изгледа ова задоволство.