Франција го казни Google со 150 милиони евра, Facebook – 60 милиони евра

76

Француската комисија за заштита на личните податоци (CNIL) објави дека го казнила Google со рекордни 150 милиони евра затоа што им отежнала на корисниците на Интернет да одбијат употреба на онлајн-тракери, попознати како „колачиња“.

Поради истата причина, „Meta Platforms“, во чиј состав е Facebook, е казнета со 60 милиони евра, објави Ројтерс.

Претходната согласност од потрошувачите за употреба на „колачиња“, кои помагаат да се насочат таргетираните рекламни кампањи, е клучен столб на регулативите за приватност на ЕУ и главен приоритет за CNIL.

„Кога прифаќате употреба на „колачиња“, тоа се прави со еден клик“, рече Карин Кифер од CNIL. „Одбивањето колачиња треба да биде исто толку лесно како и нивното прифаќање“.

Регулаторот во соопштението рече дека открило дека веб-сајтовите facebook.com, google.fr и youtube.com не им дозволуваат на корисниците лесно да одбиваат „колачиња“, наведувајќи ја како пример платформата за видео стриминг на Google.

Од CNIL известуваат дека двете компании имаат рок од три месеци да ги исполнат наредбите или им се закануваат дополнителни казни од 100.000 евра за секој ден доцнење.

Меѓу наредбите се и обврските на Google и Facebook да им обезбедат на француските корисници поедноставни алатки за откажување од „колачиња“.

Претходната рекордна казна на CNIL беше 100 милиони евра и беше изречена во 2020 година, а жртва повторно беше Google.

CNIL потоа откри дека француските сајтови на Google користеле онлајн тракери без претходна согласност од корисниците.