Франција ќе биде подготвена да ги брани своите интереси „без страв“, особено земјоделските и индустриските, доколку новата американска администрација на Доналд Трамп преземе мерки што се сметаат за протекционистички, предупреди денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Првиот мандат на Доналд Трамп беше одбележан со воведување казнени царини за голем број стоки и производи ширум светот, вклучувајќи ги и француските, пренесува Бета.
„Ако администрацијата на Трамп истрае во она што јас го опишав како голема грешка, тогаш ние ќе ги браниме нашите земјоделски, индустриски и комерцијални интереси со железна волја и без страв“, рече Баро во интервју за француските медиуми, телевизијата Франс 24 и радиото RFI.
Трамп предупреди дека царините остануваат камен-темелник на неговата трговска политика, наведувајќи го наметнувањето на доплата од 10 до 20 отсто за сите странски производи кои влегуваат во САД.
Примената на дополнителни увозни давачки „сериозно ќе казни многу американски компании кои денес се основани во Франција или Европа“, а потоа извезуваат на американскиот пазар, рече Баро.