Францускиот авто гигант во минус

131

Компанијата Renault денеска соопшти дека во 2019 година ја забележала својата прва загуба за повеќе од една деценија

Францускиот производител на автомобили Renault, којшто е во стратешко партнерство со јапонски Nissan, покажа загуба од 141 милиони евра како свој удел во финансискиот резултат на групата, делумно поради расходите поврзани со некои негови кинески мешовити компании, но и скандалот околу Карлос Госн, поранешниот шеф на Renault-Nissan, кој избега од Јапонија, каде што го чекаше судење под обвинение за финансиска малверзација.

Nissan, во кој Renault има 43% удел, исто така, придонесе за целокупниот негативен резултат, откако неделава извести за својата прва квартална загуба во речиси десет години и ја намали прогнозата за оперативната добивка, пренесува Reuters.

Вкупната продажба на возила од групата на Renault минатата година падна за 3,3 % на 55,53 милијарди евра.

Компанијата ја намали целната оперативна маржа за 2020 година на ниво меѓу 3% и 4% во однос на минатогодишните 4,8%, и го намали предложениот износ на дивиденда за 2019 година за скоро 70% од претходната година.

Акциите на Renault утрово на Париската берза паднаа за 4,3%.