
Најголемиот аеродром во Германија започна обемна реконструкција на Терминал 2, кој ќе биде надвор од употреба речиси една деценија. Проектот вреден 1,5 милијарди евра треба да донесе посовремени системи, поголем капацитет и подобри услови за патниците.
Еден од најпрометните терминали на аеродромот во Франкфурт е затворен поради голема реконструкција што ќе трае неколку години. Станува збор за Терминал 2, кој по повеќе од три децении интензивна употреба влезе во фаза на целосна модернизација.
Компанијата Фрапорт, која управува со најголемиот аеродром во Германија, наведува дека реновирањето е неопходно за да се прилагоди терминалот на современите стандарди и идните потреби на патничкиот сообраќај.
Затворањето доаѓа само неколку месеци по отворањето на новиот Терминал 3, кон кој веќе се пренасочени некои од авиокомпаниите што претходно работеа од Терминал 2.
Според плановите на операторот, реновираниот Терминал 2 треба повторно да ги прими првите патници во средината на триесеттите години од овој век. По завршувањето на работите, се очекува дека ќе може да опслужува повеќе од 10 милиони патници годишно.
Вредноста на проектот се проценува на околу 1,5 милијарди евра. Како дел од реконструкцијата, безбедносните системи и техничката опрема ќе бидат целосно обновени, додека инфраструктурата ќе биде модернизирана преку замена на лифтови, ескалатори, санитарните јазли и канцелариските простори.
Фрапорт, исто така, планира да го подобри процесот на контрола на патниците, поефикасно управување со протокот на патници и пофлексибилно користење на комерцијалните објекти во терминалот.
Како што е најавено, главните градежни работи треба да започнат во 2030 година, додека дотогаш ќе се спроведуваат подготвителни активности и детален дизајн.
Иако патничкиот сообраќај од Терминал 2 е преместен во други делови од аеродромот, некои важни инфраструктурни системи ќе продолжат да функционираат за време на реконструкцијата.
Фото: pixabay











