Франшизата како концепт на копирање на успехот

43

f3

Минатата недела, на 7 и 8 јуни, во Опатија, Хрватска, се одржа третиот специјализиран Саем за франшизи, финансиски и консултантски услуги. На саемот изложуваа преку 30 изложувачи, најмногу од Хрватска, потоа од Србија, Унгарија, Словенија и Италија.

Во рамките на саемот се одржаа стручни конференции и панел дискусии за франшизното работење.

Саемот го отвори претседателот на Европската франшизна федерација, Мајкл Ејре, кој зборуваше за можностите за франшизно работење во Европа.

На саемот се зборуваше за новите трендови и предизвици, за регионалниот потенцијал за развој на франшизното работење, за меѓународниот франшизинг, перспективите, франшизното работење и интелектуалната сопственост, за влезот на ланецот ресторани за брза храна Subway на хрватскиот пазар, како и за можности за финансирање на франшизи.

Андрија Чолак, сопственик на хрватскиот ланец Surf’n’Fries зборуваше за примената на франшизниот модел во туризмот и за нивното искуство како едни од најпознатите франшизи од Хрватска и победник на Интернационалната франшизна асоцијација за 2015 година. Surf’n’Fries го започна својот бизнис во 2009 година во Риека, а сега имаат франшизи во Америка, Виетнам, Австрија, Русија…

“Лесно е некој да те ископира и да направи производ како твојот, но не успеваат повеќе од шест месеци. Причината поради која успеваме е нашата визија, посветеност и постојано усовршување. Совет за сите кои сакаат да тргнат по овој пат – заштитете ја вашата интелектуална сопственост”, рече Чолак.

Според Љиљана Кукец, претседател на хрватското Здружение за франшизно работење, франшиза е клонирање на успешни бизнис концепти од едно на друго место, копирање на успехот или алатка за ширење на успешни бизнис концепти.

f1

Франшиза претставува форма на соработка меѓу продавачот на франшизата (франшизер) и корисникот на истата (франшизист). Франшизерот го нуди својот бренд и таканаречениот know – how, а за возврат наплаќа одреден надомест од давањето на франшизата, додека франшизистот на тој начин стекнува право и можност да го применува тој деловен модел.

Овој вид на соработка најчесто е за подолг временски период, каде двете страни имаат права, обврски и одговорности едни кон други. Франшизата овозможува претприемачот да води сопствен бизнис под нечиј веќе етаблиран бренд. Кога некоја компанија се наоѓа во позиција на франшизист и понатаму суштински работи како и претходно на сопствен ризик, со сопствени ресурси, но под туѓо име. На тој начин, туѓиот бренд е дополнителна гаранција за поголема препознатливост и поголем број клиенти, а со тоа се намалуваат шансите за деловен неуспех.