Франција ја намали прогнозата за раст во 2024 година на само еден процент

14

Француската влада ја намали проценката за растот на БДП за оваа година од претходните 1,4 отсто на еден отсто поради војните во Украина и Газа и забавувањето на растот на нејзините водечки трговски партнери, Германија и Кина.

Министерот за финансии Бруно Ле Мер во интервју за француската телевизија ТФ1 исто така нагласи дека државните трошоци во сите ресори и агенции ќе се намалат за 10 милијарди евра.

„Проценката за растот сè уште останува позитивна, но го земаме предвид новиот геополитички контекст“, рече Ле Мер, наведувајќи ја војната во Украина и на Блискиот Исток, тешкотиите во поморскиот сообраќај во Црвеното Море, како и забавувањето на кинескиот и на германската економија.

Намалување на државните расходи
Тој додаде дека нема да има зголемување на даноците и намалување на социјалните надоместоци, туку сите министерства и агенции во Владата ќе учествуваат во намалувањето на трошоците, нагласи тој. „Во следните неколку дена ќе скратиме десет милијарди евра од државните расходи“, рече тој.

Тој рече дека очекуваат пет милијарди евра заштеда на позициите во министерствата и уште пет милијарди во делот на јавните политики. Тој исто така нагласи дека владата ќе се погрижи Франција да остане на вистинскиот пат да го намали државниот дефицит на 4,4 отсто од БДП во 2024 година.

Ја задржуваме можноста ребалансот да се изврши во лето, во зависност од економските услови и политичката ситуација“, рече тој. Владата има намера во следните години постепено да го намалува фискалниот дефицит, за во 2027 година да биде под горната граница на ЕУ од 3 отсто.

Новата владина прогноза сега е повеќе усогласена со проценките на Европската комисија, француската статистичка агенција INSEE и ОЕЦД. На 15 февруари, Европската комисија ја намали проценката за растот на францускиот БДП во 2024 година на 0,9 отсто, во споредба со 1,2 отсто што ги очекуваше во ноември.

На почетокот на месецот ОЕЦД објави дека сега очекува раст на француската економија од 0,6 отсто, наспроти претходната проценка од 0,8 отсто. На 7 февруари француската статистичка агенција INSEE објави дека очекува БДП да порасне за само 0,2 отсто во првиот и вториот квартал.