Франција ќе има проблем да го намали буџетскиот дефицит до 2027 година

Франција ќе има проблеми да ја исполни целта и да го намали буџетскиот дефицит на 2,7 отсто до 2027 година, смета главниот економист на Меѓународниот монетарен фонд.

Целта ќе биде „малку потешко да се постигне“ според актуелните владини политики, рече економистот на Меѓународниот монетарен фонд Пјер-Оливие Гуриншас за радиото „Франс Интер“ во саботата, додавајќи дека „потребни се повеќе напори“, според Блумберг.

Владата на претседателот Емануел Макрон планира да ги намали трошоците во наредните години, но буџетскиот дефицит не се очекува да падне под границата на Европската унија од три проценти од бруто домашниот производ до 2027 година.

Правилата на ЕУ беа суспендирани за време на пандемијата „Ковид-19“, а потоа повторно по руската инвазија на Украина, давајќи им на владите поголема слобода за трошење до крајот на 2023 година.

Економистот повика на повеќе реформи за да се поттикне растот на нацијата и рече дека е премногу рано за големите централни банки да почнат да ги намалуваат каматните стапки, бидејќи инфлацијата сè уште е далеку од целта. Оливие Гуриншас рече дека финансиската состојба на Франција не е загрижувачка со оглед на тоа што има простор за маневрирање во својот буџет.

Министерот за финансии Бруно Ле Мер очекува дефицитот следната година да биде 4,4 отсто и бара буџетски заштеди од 16 милијарди евра, додека владата работи на тоа пратениците да го одобрат.