ФТ: Членките на ЕУ го поддржаа планот за користење замрзнати руски средства

8

Членките на ЕУ поддржаа план за ослободување милијарди евра замрзнати средства на Руската централна банка како прв чекор кон нивно можно искористување за обнова на Украина.

Синоќешната едногласна одлука, што допрва треба да биде официјализирана во наредните недели, е дел од покажувањето поддршка за Киев.

Тоа доаѓа и во пресрет на самитот в четврток на кој се очекува лидерите на ЕУ да одобрат 50 милијарди евра финансиска поддршка за Украина, пишува Фајненшл тајмс.

Од 260 милијарди евра руски девизни резерви кои беа замрзнати во 2022 година како одговор на инвазијата на Москва, 191 милијарда евра се чуваат во белгискиот Euroclear, централниот регистар на хартии од вредност.

Според договорот, добивката остварена од Euroclear ќе се книжи одделно и нема да се исплаќа како дивиденда на акционерите додека земјите од ЕУ едногласно не одлучат да воспостават финансиски придонес во буџетот (ЕУ) кој ќе се собира од овие нето профит за поддршка на Украина, се наведува во нацртот на текстот во кој имале увид од Фајненшл тајмс.

Тоа ќе биде во согласност со тековните договорни обврски и во согласност со европското и меѓународното право, се додава во текстот.

Нема временска рамка кога треба да се даде ваков посебен предлог, а тој ќе ги покрие само идните профити и нема да се применува ретроспективно.

Во декември, Европската комисија не успеа да формулира предлог за управување со руските средства што би овозможило пренасочување на профитот кон заедничкиот буџет на ЕУ, поради загриженоста од Европската централна банка дека тоа би можело да предизвика финансиска нестабилност и одмазднички мерки од Русија.

Посебен притисок предводен од САД и поддржан од Британија, Јапонија и Канада за целосно конфискување на руските средства, а не само профитот, се соочува со отпор од европските членки на Г7, особено Германија, Италија и Франција.