
Британската фунта скокна на највисокото ниво во последните осум години во однос на еврото бидејќи економијата на Обединетото Кралство се чини дека подобро се справува со економските притисоци отколку земјите од еврозоната.
Според податоците на берзата Forex, британската фунта денеска се продава за 1,21 евра.
Двете главни економии на еврозоната, Германија и Франција, се соочуваат со политички кризи кои негативно влијаат на побарувачката на потрошувачите во тие земји, пренесува Sky News.
Германскиот извоз слабее поради жестоката конкуренција и послабата побарувачка во Кина, а автомобилската индустрија таму е особено загрозена.
Експертите очекуваат дека Европската централна банка (ЕЦБ) по четврти пат годинава ќе ја намали референтната каматна стапка за да ја поттикне економската активност во еврозоната, но тоа ќе влијае и на слабеење на еврото.
Банката на Англија, од друга страна, најверојатно нема да ги намали каматните стапки следната недела, бидејќи инфлацијата во Велика Британија се покажува како поупорна од очекуваното, пренесува Танјуг.











