Фондот за здравствено осигурување склучи нови договори со досегашните 11 и четири нови јавни здравствени установи, а обезбеди и седум нови здравствени услуги за осигурените лица за цела 2014 година, кои ќе бидат обезбедени со условните буџети за 2014 година. Од Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија (ФЗОМ) истакнуваат дека со овие буџети значително ќе се зголемат средствата што ФЗОМ ги наменува за здравствените установи и ќе се користат наменски, само за конкретните услуги и конкретните пациенти, а тоа ќе значи и зголемување на бројот на пациенти кои ќе бидат опфатени со овие здравствени услуги.
Со новите седум услуги се предвидуваат реконструкции на дојки по мастектомија, трансплантација на црн дроб, кадаверични трансплантации на бубрези, ресинхронизациона терапија на срце, концентратори за оксигена терапија, детска кардиохирургија и наменска терапија за шизофренија.
Целта на условните буџети е да се стимулираат здравствените установи да ги обезбедат оние услуги кои беа дефицитарни или несоодветно планирани.
Доколку здравствената установа не ги изврши планираните здравствени услуги определени во условниот буџет, Фондот по истекот на секој квартал или полугодие ќе ги намали условните буџети за соодветниот износ на неискористени средства за таа намена. Од ФЗОМ додаваат дека на здравствените установи им се дава можност доколку во следните квартали остварат износ повисок од предвидениот, односно доколку ги реализираат здравствените услуги предвидени во условниот буџет, Фондот да им ги врати средствата.
Зголемување на условните буџети ФЗОМ договорил за седум здравствени услуги: оперативни зафати на катаракта со Фако метода, третман за Мултиплекс склероза, третман на Ревматоиден артритит, вградување на Кохлеарни импланти, транпслантација на коскена срцевина, трансплантација на бубрези од жив донор, реконструкција на дојка по мастектомија, на клиника за пластична и реконструктивна хирургија.