Со отворањето на изложбата Quo Vadis? од мултимедијалниот уметник Дијана Томиќ Радевска, на 31.03.2017 година, започна со работа галеријата Акантус. Конципирана во три тематски целини, Мистика, Радост на живеењето и Молитва, изложбата разгледува различни аспекти и предизвици со кои се соочуваме како жители на глобализираниот свет. Таа истражува по нашата колективна свест и нè поттикнува на преиспитување од надвор кон внатре, Каде одиме ?
Изложбата на Томиќ Радевска е отворена до 26.05.2017 година. По оваа следи изложба од уметникот Орхан Ќамилов која се отвора на 02.06.2017 година. Оваа изложба насловена Був на ѕидот ќе се состои од сликарски и графички дела и ќе ја пренесува приказна за две поетики со печат на две вистини, инспирација и опсервација на сонот и јавето, воздигнување и понирање во длабочините на теоријата и праксата.
Овие две изложби на графички и сликарски дела се почеток на редица на изложби на квалитетни уметници преку кои галеријата Акантус планира да ја доближи македонската современа уметност на скопската публика.
Покрај изложби, галеријата Акантус во рамките на своите активности како културен центар организира различни предавања, работилници, дискусии и форуми од областа на уметностите и нуди продажни програми на уметнички дела, како и на производи и ракотворби инспирирани од уметноста.
Преку соработка со повеќе уметници, Акантус цели да ја претстави разновидноста на современото творење на уметниците, како и да ја доближи уметноста до граѓаните овозможувајќи непосредност во контактот помеѓу неа и публиката.
За таа цел, покрај другите активности како работилниците и предавањата, просториите на Акантус се расположливи за изнајмување за приватни и деловни настани, коктели, работилници и предавања за сите оние кои што сакаат своите приватни или деловни настани и коктели да ги организираат во поинаков простор, окружен со делата на современи македонски уметници.