Гардијан: Пет балкански земји кои треба да се посетат

98

Британскиот весник „Гардијан“ објави текст за патувањата во кој препорачува пет земји на Балканот што треба да се посетат.

Она што е интересно е што текстот е насловен така што Балканот се нарекува „див исток“.

„Завршивте со Шпанија, Италија и Грција? Овие земји нудат спектакуларни пејсажи, недопрени места за капење, антички градови – и пристапни цени“, вака „Гардијан“ ја започна статијата за туристичките дестинации на Балканот.

Црна Гора

Црна Гора е добро место за лесно комбинирање на одмор на плажа со поактивен одмор. Препорачува да се види средновековниот град Будва, кој има песочен и каменест брег долг 35 километри. Скадарското Езеро, најголемото во јужна Европа, е оддалечено околу еден час возење и е совршено за пловење со чамци.

Словенија

Словенија има шармантен главен град – планини, езера и шуми, врвни вина, па дури и мал дел од брегот.

Љубљана, компактен главен град, е изградена околу реката Љубљаница, со барокни и хабсбуршки згради на двата брега, пишува овој весник.

На северозапад од земјата, главни знаменитости се спектакуларното езеро Блед и езерото Бохињ. Од другата страна на планините, помалку посетената долина Соча нуди планинарење, рафтинг и кајак во лето, а скијање и сноуборд во зима.

Босна и Херцеговина

Главниот град Сараево е споредуван со Истанбул или Ерусалим поради неговиот стар град, Башчаршија, полна со стари продавници, џамии и ресторани.

Мостар, на југ, е втората по големина атракција, познат по својот прекрасен Стар мост – посетителите можат да платат да скокнат од него ако се осмелат.

 Македонија

Македонија е планинска, но зелена балканска земја. Иако можеби нема излез на море,  благословена е со езера, од кои најпознато е Охридското Езеро. Тоа е едно од најстарите и најдлабоките во Европа, но има и Преспанско, Дојранско пишува весникот

Охридското Езеро, кое е под заштита на УНЕСКО, е најголемата атракција, опкружено со антички манастири, барови на плажа и рибни ресторани. Активностите вклучуваат часови за готвење покрај езерото, возење е-велосипед, патувања со брод и параглајдерство.

Скопје, главниот град, е помалку атрактивен, но ги задржува византиските и отоманските карактеристики, плус модерните додатоци како Музејот на современа уметност. Националниот парк Маврово, дом на мечки, волци и рисови, нуди планинарење, возење велосипед, јавање коњи и скијање во зима. Тука е и живописниот манастир Св. Јован Бигорски од 11 век. Други национални паркови се Галичица, сместена помеѓу Охридското и Преспанското Езеро и Пелистер.

Косово

Без излез на море Косово се состои од две големи рамнини опкружени со планини со 50 врвови повисоки од 2.000 метри. Тоа значи можност за планинарење, јавање и скијање, пишува британскиот весник.