Газпром соопшти дека не може да гарантира добро функционирање на гасоводот Северен тек

80

Руски Газпром синоќа соопшти дека не може да гарантира дека гасоводот „Северен тек” преку кој се доставува гас во Европа ќе може добро да работи.

Компанијата наведе дека не може да потврди дека ќе успее да стигне до германската турбина што беше поправена во Канада.

Гасоводот моментално не работи десет дена поради редовен годишен ремонт, а европските земји стравуваат дека Москва би можела да се обиде да најде техничка причина како изговор за трајно да ја запре испораката на гас преку гасоводот и со тоа да изврши притисок врз нив во однос на конфликтот во Украина.

Дури и пред „Северен тек 1″ да биде затворен поради ремонт, Русија значително го намали снабдувањето со гас во последните неколку недели, оправдувајќи го со недостигот на турбини на Сименс, кои ѝ се потребни на Русија за работа на станиците за компресија на гасоводот и чиишто делови беа испратени во Канада за поправка.

– Газпром во моментов нема никаков документ што би му дозволил на Сименс да го изнесе од Канада турбинскиот мотор за станицата за компресија Портоваја, соопшти Газпром и додаде дека во такви услови е невозможно да се потврди безбедното работење на таа станица за компресија, која е неопходна за гасоводот Северен тек.

Канада во саботата соопшти дека на Германија ќе и ги врати турбините на „Северен тек” и покрај воведените санкции против Русија.

Канадскиот премиер Џастин Трудо вчера изјави дека одлуката е тешка, но додаде дека санкциите се воведени за да се казнат Владимир Путин и неговите пријатели, а не канадските сојузници и жителите на Европа.