Гејтс одвојува 100 милиони долари за борба против корона вирусот

105

Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс одвојува 100 милиони долари како глобален одговор на смртоносниот корона вирус.

Средствата, како што стои во официјалното соопштение, ќе се искористат за откривање, изолација и лекување, заштита на ризичното население и развој на вакцина, лекување и дијагностика.

“Меѓународните организации, националните влади, приватниот сектор и филантропите мора да соработуваат заедно за да се намали темпото на ширење на епидемијата, да им помогнат на земјите да ги заштитат најзагрозените граѓани и да го забрзаат текот на работите за ставање на епидемијата под контрола“, изјави Марк Сузман, портпарол на фондацијата на основачот на Microsoft и неговата сопруга.

Од фондацијата веднаш се одобрени 20 милиони долари за забрзување на процесот на откривање, изолација и лекување на луѓето со дијагностицираниот вирус. Дополнителни 20 милиони долари се одвојуваат за поддршка на јавните здравствени установи во Африка и Азија со цел да се зајакнат центрите за итни случаи како одговор на епидемијата. Вкупно 60 милиони долари ќе бидат одвоени за развој на вакцина против корона вирусот, како и за лекување и дијагностицирање на пациенти.

Фото: Facebook