
Мултимилијардерот Бил Гејтс изјави дека повеќе би сакал да плати за вакцини отколку за патување на Марс. Тој мисли дека не е добра идеја да се трошат пари за патување на Црвената планета. Тој зборуваше и зошто е предмет на теории на заговор.
Во изјава за BBC, Гејтс објасни зошто мисли така, односно зошто не троши пари за колонизација на други планети, како што прават мултимилијардерите Илон Маск и Џеф Безос.
„Всушност е многу скапо да се оди на Марс. Можете да купите вакцини против сипаници и да спасите нечиј живот за 1.000 долари“, рече тој.
Kо-основачот на Microsoft очекува вештачката интелигенција да го промени човештвото драматично. Според него, вештачката интелигенција ќе помогне да се разгледаат медицинските и научните прашања. Дополнително, посочи дека тоа ќе придонесе за зголемување на продуктивноста.
Тој го коментираше и фактот дека бил во центарот на теории на заговор за време на пандемијата на коронавирус.
„Не го очекував тоа (осврнувајќи се на тврдењата дека профитирал од коронавирусот или дека тој е виновникот за коронавирусот). За време на пандемијата, имаше десетици милиони пораки дека сум го предизвикал намерно или дека имам надзор врз луѓето. Точно е дека се занимавам со вакцини, но за да спасам животи“, истакна Гејтс.
Претпоставува дека зад завесата, како што рече, бараат Бабарога – што е преедноставено објаснување. Тој рече дека злонамерноста е многу полесно да се разбере од биологијата.
Тој одговори и на прашањето дали е штедлив во приватниот живот.
„Немам огромен плакар. Не носам накит. Кога ја вадам украсната хартија од подарок, не ја фрлам, ја пакувам и повторно ја користам. Баба ми никогаш во нејзиниот живот не фрлила ни украсна хартија, ни парче лента за украсување подарок“, вели Гејтс.