
Финансиската независност станува врвен приоритет за младите луѓе во Германија, а членовите на генерацијата Z имаат поинаков поглед на парите и работата во споредба со постарите генерации, според резултатите од анкетата објавена денес.
Според репрезентативна анкета на Меѓународниот универзитет (IU), дури 66,7 проценти од младите на возраст од 16 до 30 години ја наведуваат финансиската слобода како најважна цел. Во вкупното население, тој процент е 58,9 проценти. Друг приоритет е соодветната подготовка за пензионирање, што е важно за 51 процент од младите испитаници.
Меѓу клучните цели се исполнувањето на личните желби, како што се долгите патувања, што го посакуваат 41,8 проценти од испитаниците, како и можноста за порано напуштање на пазарот на трудот, што е приоритет за 31,8 проценти од испитаниците.
Традиционалниот пристап на вработување со полно работно време до пензионирање на 67 години повеќе не е главна цел, забележува авторот на студијата Јохан Трој.
Според него, за членовите на Генерацијата Z, парите не се само нешто неопходно за основен опстанок – плаќање сметки, храна и домување – туку алатка што им овозможува слобода и контрола врз сопствениот живот.
Студијата, исто така, покажува дека социјалните мрежи имаат значително влијание врз финансиското однесување на Генерацијата Z. Според податоците, 21 процент од младите луѓе признаваат дека донесуваат финансиски одлуки под влијание на онлајн содржината. Тоа е двојно повеќе отколку во Генерацијата X, каде што тој процент е 10 проценти.
Генерацијата Z се грижи за иднината, бидејќи 56,3 проценти од испитаниците се плашат од економската состојба во Германија, додека 49,7 проценти наведуваат дека се плашат од сиромаштија во староста, објавува Wirschaftsvohe.
Инфлацијата, неизвесноста околу пензиите и стравот од пад на животниот стандард се главните предизвикувачи на финансискиот стрес, додава Јохан Трој.
Генерацијата Z ги вклучува луѓето родени приближно помеѓу 1996 и 2012 година, а клучните карактеристики вклучуваат растење со интернет и паметни телефони, што ги прави многу снаодливи во дигиталниот свет.











