
Зголемувањето на приносите на државните обврзници и зголемувањето на нивото на долг во развиените економии претставуваат закана за напредокот што го постигнуваат земјите во развој и земјите со ниски приходи во решавањето на проблемите со долгот, предупреди денес директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
Говорејќи на состанокот на финансиските лидери на Групата 20 (Г20), Георгиева рече дека повисоките нивоа на глобален долг и инфлацијата, дополнително поттикнати од затворањето на Ормутскиот теснец и силната побарувачка за капитал од инвестиции во вештачка интелигенција, ги зголемуваат трошоците за задолжување низ целиот свет, објави Ројтерс.
Таа истакна дека многу земји со ниски приходи постигнале напредок благодарение на фискалните реформи и меѓународната поддршка, но постои ризик повисоките приноси на глобалниот пазар на обврзници да го поништат дел од тој напредок со зголемување на трошоците за сервисирање на долгот.












