Георгиева: Можеме да здивнеме, избегнавме рецесија

10

Силниот раст во САД помогна да се подобрат изгледите за светската економија, но треба да се направи повеќе за да се запре падот на продуктивноста, изјави во четвртокот директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
„Глобалниот раст е малку посилен поради силната активност во САД и многу пазари во развој“, изјави директорот на ММФ за новинарите, пренесе АФП.

Економијата на САД порасна за робусни 2,5 отсто минатата година, според американското Министерство за трговија, далеку над повеќето други напредни економии.

„Силната потрошувачка на домаќинствата и деловните инвестиции и олеснувањето на проблемите со синџирот на снабдување помогнаа. И инфлацијата паѓа, нешто побрзо од очекуваното“, додаде Георгиева.

Нејзините забелешки укажуваат на тоа дека ММФ сега очекува светската економија да порасне побрзо од предвиденото во јануари, кога прогнозираше глобален раст од 3,1 отсто во 2024 година и 3,2 отсто во 2025 година.

„Изгледа дека можеме да здивнеме. Избегнавме глобална рецесија и период на стагфлација како што некои предвидуваа. Но, има уште многу работи за кои треба да се грижиме“, рече Георгиева.