Генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, оцени дека инфлацијата во светот најверојатно ќе се скроти следната година кога ќе почне да стапува во сила зголемувањето на каматните стапки.
Според неа, глобалните каматни стапки ќе продолжат да растат до 2023 година и дури тогаш „вжештените“ цени ќе почнат да се ладат како одговор на активностите на централните банки.
Цените на суровините, како нафтата, можеби се стабилизираа и почнаа да опаѓаат во последните месеци, но Георгиева смета дека тоа не мора да значи дека инфлацијата е скротена, туку дека тоа е повеќе реакција на пазарните играчи на ризиците од рецесија.
„Централните банки ги засилуваат мерките за контрола на инфлацијата и тоа е приоритет. Тие мора да продолжат додека не стане јасно дека очекувањата за инфлација се цврсто закотвени“, изјави Георгиева за CNBC на маргините на состанокот на министрите за финансии на Г-20 во Бали.
Во моментов, додаде таа, „сè уште гледаме раст на инфлацијата, па мораме да се тушираме со студена вда“, иако многу од податоците што се користат за одредување на индексот на потрошувачките цени доцнат.
Георгиева изјави дека сите знаци укажуваат дека инфлацијата сè уште не е под контрола и заклучи дека е најважно да се воспостави контрола над неа, во спротивно ќе се намалат приходите, што најмногу ќе ги погоди најсиромашните делови на светот.