Германците ги менуваат правилата, на повидок е скок на цената на половните автомобили

310

Предложените измени на законот за гаранција во Германија може да доведат до скок на цените на користените автомобили во земјата за околу 10 до 20 %, но и крај на продажбата на постари користени автомобили.

Ова може да влијае и на нашиот пазар, бидејќи голем број автомобили се увезуваат во земјава.

Германскиот закон за гаранции треба да се усогласи со директивите на ЕУ за продажба на стоки, а Германското државно здружение на независни дилери на моторни возила се побуни против овие измени и им се обрати на германските власти заради последиците што може да ги донесат промените во законот.

Здружението наведува дека планираните измени се многу неповолни и неодржливи за трговијата со моторни возила, пренесува хрватското списание Hak. Европските правила предвидуваат дека секој продавач мора да даде едногодишна гаранција, којашто досега траеше шест месеци.

Како што е наведено во Европската директива за продажба на стоки, “секоја неусогласеност што ќе се појави во рок од една година од моментот на испорака на стоката, ќе се смета дека постоела за време на испораката, освен ако не е докажано поинаку или не е во согласност со природата на стоката или природата на непочитувањето “.

Дилерите на автомобили наведуваат дека толку долг рок им создава големи проблеми. Иако новите регулативи се во корист на купувачите на користени автомобили, на долг рок тие можат да бидат најоштетени, поради зголемувањето на цените на возилата.

Фото: Pixabay