Германците се жалат на лоши патишта, оштетени мостови и преоптоварени железници

88

Сè повеќе компании се жалат на делумно дотраена инфраструктура во Германија, на лоши патишта, оштетени мостови и преоптоварени железници.

Според резултатите од истражувањето објавено во вторникот од Институтот за германска економија (IW), 80 отсто од компаниите сметаат дека недостатокот на инфраструктура негативно влијае на нивниот бизнис.

Тоа е за над 20 отсто повеќе отколку во слично истражување во 2013 година, пренесува dpa.

Најчестите поплаки се за проблеми со патниот сообраќај – незадоволството од патната мрежа е особено високо во западните покраини Северна Рајна-Вестфалија и Баден-Виртемберг, како и во источна Германија. Меѓутоа, зачестија и проблемите со водениот и воздушниот сообраќај, велат од Институтот.

Од 2015 година, федералната влада одобри повеќе инвестициски фондови за транспортна инфраструктура. Сепак, зголемените трошоци за изградба ги исцрпија тие средства. Вкупните инвестиции оваа година се исти како и во 2009 година. Покрај тоа, германскиот закон за планирање ја забавува експанзијата.

„Федералната влада мора значително да ги засили напорите за враќање на германската инфраструктура на вистинскиот пат“, рече експертот за инфраструктура на Институтот IW, Томас Пулс.

„Прво, потребни се значително повеќе пари за патишта, железници и пристаништа. Второ, планирањето најавено во договорот за владејачката коалиција мора да се забрза. Премногу често се случува инфраструктурните проекти да заглават во бирократијата.