Германија бара работници – Секој што знае да работи нека дојде!

130

Имиграцијата и вработувањето во Германија наскоро би можеле да станат уште полесни.

Секој што знае да работи нека дојде! Вака накратко може да се опиште апелот на Кристијан Дир, шеф на пратеничката група на либералите во германскиот парламент, пренесува Б92.

„По фазата на гастербајтери во 1960-тите и 1970-тите, пазарот на трудот се затвора“, изјави Дир за Велт. „Мора да биде обратно. Денеска мора мотото да биде: Секој што може да живее од неговите раце веднаш да има работна дозвола.

Сликите од хаос и метеж на германските аеродроми и илјадници откажани летови на почетокот на празничната сезона, ја принудија владата да интервенира и да вети експресно издавање на работни дозволи. Затоа што, за време на пандемијата, аеродромите и авиокомпаниите отпуштаа луѓе, а денес им недостасуваат повеќе од седум илјади вработени.

Очите се насочени кон Турција и Западен Балкан, од каде треба да се регрутира помошен персонал за период од најмногу три месеци. „Ќе се погрижиме да нема дампинг плати и вработените да бидат добро сместени“ рече министерката за внатрешни работи Ненси Фесер.

Апелот од авиосообраќајот сè уште не стивнува, а се огласија и рестораните кои експлицитно ги повикаа властите да им олеснат да донесат луѓе од Западен Балкан.

Релативно новиот закон за имиграција во Германија дозволува секој што ќе најде работодавач да работи – под услов да е стручен за нешто. Може да бидат сметководители или возачи, важно е да имаат документи.